Уставниот суд го поништи законот за платите на судиите
Уставниот суд денеска донесе одлука со која го поништи Законот за изменување на Законот за платите на судиите, кој беше усвоен во февруари годинава. Судот ја образложи одлуката со нагласување на значењето на финансиската независност и самостојност на судската власт како клучен елемент на уставно загарантираната независност на судството.
„При конечното одлучување за поништување на Законот, како решавачки аргументи беа утврдени значењето на финансиската независност и самостојност на судството, како составен дел од уставно загарантираната независност на судската власт, како и темелните вредности на уставниот поредок, владеењето на правото и поделбата на власта“, соопштија од Судот.
Уставниот суд посочи дека Собранието, наместо да ги следи препораките од решението за поведување на постапка од 24 декември 2025 година, извршило ново намалување на коефициентите за платите на судиите. Поради тоа, Судот од сопствена иницијатива повел постапка за оценување на уставноста на Законот од 25 февруари 2026 година и го поништи како спротивен на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, членовите 51 и 54 и Амандманот XXV на Уставот на Република Северна Македонија.
„Коефициентите за утврдување на платите на судиите беа намалени два пати во 2024 година и повторно во февруари 2026 година, што укажува на тенденција на намалување на реалниот износ на судските плати. Ова создава опасност за загрозување на нивната материјална положба и, со тоа, загрозување на независноста и самостојноста на судството“, велат од Уставниот суд.