
Успешна приказна од Галичица – Популацијата на елени порасна од 30 на над 200 единки
Репродуктивниот центар за елени во Националниот парк Галичица бележи рекорден успех во заштитата и обновувањето на овој вид. Од неговото основање во 2019 година, кога биле регистрирани само 30 единки, популацијата денес брои над 200 елени.
Од Националниот парк споделија фотографии на кои се гледа секојдневната посветена работа на ренџерската служба. Ренџерот Лазе, заедно со неговите помошници Јане и Кире, секојдневно се на терен за да обезбедат свежа храна и вода, како и редовни контроли на теренот.
„Целта на овој центар е активно управување со високопланинските пасишта и долгорочно зачувување на биолошката разновидност во паркот,“ велат од НП Галичица, нагласувајќи дека ваквиот пристап придонесува за здрави екосистеми и рамнотежа во природата.
Покрај постојаното физичко присуство на ренџерите, безбедноста на елените е загарантирана и со софистициран систем за видео-надзор. Камерите овозможуваат непосредна заштита од ловџии и навремена реакција на службите во секое време.
Од паркот упатија благодарност до јавноста за покажаниот интерес и грижа за благосостојбата на животните, потврдувајќи дека заедничкиот ангажман е клуч за одржлива иднина на планината Галичица.
