
Успешна акција на Водно: Пронајдени двете исчезнати туристки од Португалија, ги пречека почесниот конзул
Драмата на Водно заврши со среќен крај, откако тимот за планинско спасување вечерва ги пронајде двете девојки од Португалија кои беа пријавени за исчезнати попладнево. Туристките се во добра здравствена состојба и веќе се на безбедно.
Информацијата ја објави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој соопшти дека случајот бил пријавен во Центарот за управување со кризи околу 17:00 часот. Двете португалски државјанки се изгубиле додека се движеле по планинската рута од врвот на Водно кон кањонот Матка.
Веднаш по пријавата, бил мобилизиран тим за планинско спасување од Тетово, кој започнал со брзо пребарување на теренот.
„Во 18:40 часот, туристките беа пронајдени во добра здравствена состојба и транспортирани до ресторанот Матка. На самото место ги пречека почесниот конзул на Република Португалија“, додаде Ангелов во својата објава.
