Љупчо Ристески: Упорноста, трудот и чесноста се клучни за успех (ИНТЕРВЈУ)
Во ова интервју за порталот NOVINA.mk, Љупчо Ристески зборува за својот ангажман во Министерството за дигитална трансформација, работното искуство во кабинетот на министерот Стефан Андоновски, како и за секојдневните предизвици во реализацијата и промоцијата на дигиталните проекти.
Тој се осврнува и на организацијата на промоцијата на мобилната апликација м.Услуги, одговорностите во комуникацијата со медиумите и граѓаните, како и на својот политички ангажман во редовите на ВМРО-ДПМНЕ и функцијата претседател на Градскиот комитет на Унијата на млади сили во Скопје. Во интервјуто, Ристески упатува и порака до младите, нагласувајќи ја важноста на упорноста, трудољубивоста и истрајноста пред предизвиците.
1. Може ли накратко да им објасните на нашите читатели, кој е Љупчо Ристески?
– Имам 28 години, роден сум и пораснат во Скопје. Би се опишал како отворен и едноставен човек, активен на повеќе полиња. Во моментов сум дел од кабинетот на министерот за дигитална трансформација, во делот на мојот политички активизам член сум на ВМРО-ДПМНЕ уште од средношколските денови, а од неодамна ја извршувам и функцијата претседател на Градскиот комитет на Унијата на млади сили во Скопје.

2. Која е вашата улога како асистент на министерот Стефан Андоновски, односно поконкретно, кои се вашите задачи како асистент?
– Работата во кабинетот е динамична и обврските често зависат од приоритетите на денот. Министерот има интензивно темпо и високи очекувања, па мојата улога опфаќа повеќе задачи. Најмногу сум ангажиран во организацијата на неговите дневни активности и јавни настапи, координацијата со ПР-тимот и колегите од кабинетот, како и во комуникацијата со граѓаните и институциите. Паралелно го следам текот на проектите на министерството, бидејќи за добра организација и координација е важно да бидам навремено информиран. Секако, тука се и непланираните обврски што бараат брза реакција и приспособување.

3. Како изгледа вашата секојдневна работа покрај министерот?
– Секој ден е различен и ретко можете целосно да предвидите како ќе се одвива. Наутро сме на настан во Охрид, а вечерта веќе на телевизиско гостување. Во меѓувреме има десетици телефонски повици, координации и обврски што се појавуваат во текот на денот. Таквото темпо понекогаш знае да биде стресно, но токму динамиката ми ја прави работата интересна. На крајот од денот, кога го работите она што ве исполнува, полесно се справувате и со предизвиците.

4. Што научивте од вашето работно искуство во Министерството за дигитална трансформација?
– Среќен сум што имам можност да работам и да учам од луѓе за кои главно мерило се резултатите, а тука пред сè мислам на мојот претпоставен. Научив колку се важни добрата организација и тимската работа. Ова ми е прво искуство во јавната администрација и сè уште учам како функционира системот. А искрено, и по три години, дел од бирократијата сè уште не ми е јасна, ха-ха.

5. Кои беа најголемите предизвици со кои се соочивте во овој период?
– Изминатата недела ја промовиравме мобилната апликација м.Услуги, организацијата на настанот беше за мене навистина голем предизвик, по минатогодишниот Дигитален самит на западен балкан имавме високо поставени очекувања, но мислам дека како тим успеавме повторно да ги поместиме стандардите. Задоволството е големо кога ќе го видите резултатот од заедничката работа, а секако, по секој завршен предизвик доаѓа нов.
6. Какви се Вашите впечатоци од промоцијата на м.Услуги и какви реакции и коментари добивте од присутните?
– На соработниците со кои учествувавме во подготовка и организација на настанот им кажав дека сме успеале да го организираме на едно солидно ниво. Особено ме радуваат исклучително позитивните реакции и коментари од присутните, кои го издвоија несекојдневното сценарио и поинаквиот пристап за настан во организација на државна институција. Се надевам дека добри впечатоци имаат и гледачите кои ја следеа промоцијата во живо на Македонската телевизија. За мене тоа е потврда дека трудот што го вложивме како тим се исплатеше.

7. Често ве гледаме и во улога на портпарол на министерството, каде што ги промовирате проектите, но и новитетите што ги воведува министерството. Како дојде до оваа одговорност?
– Кога станав дел од кабинетот на министерот Андоновски, една од моите први задачи беше да бидам контакт лице за медиумите. Со текот на времето, таа соработка се продлабочуваше и природно се наметна и одговорноста, кога е потребно, да застанам пред камера и да ги претставам проектите и новитетите на министерството. За мене е важно информациите да ги пренесеме јасно и разбирливо, за граѓаните да знаат што им е достапно и како можат да ги користат услугите што ги воведуваме.

8. Колку е тешко темите поврзани со дигиталната трансформација да им ги објасните на граѓаните на едноставен и разбирлив начин?
– Веќе кажав дека ја сакам оваа работа затоа што секој ден носи нов предизвик, а токму ова е еден од нив. Бидејќи и самиот не сум техничко лице, секогаш барам од колегите од ИТ областа да ми ги објаснат работите на разбирлив начин, за потоа и јас да можам што поедноставно да им ги пренесам на граѓаните. Ним најважно им е како полесно и побрзо да ја добијат услугата што им е потребна. Затоа се трудам објаснувањето да тргне токму од тоа, што им овозможува конкретната услуга и како да ја користат.

11. Каде ја гледате вашата професионална иднина по ова искуство?
– Никогаш не се знае каде ќе ве одведат можностите, но најверојатно повторно се гледам во приватниот сектор. Дали тоа ќе биде во областа на односите со јавноста или во нешто сосема поинакво, останува да видам. Засега ми е важно да дадам максимум во работата што ја работам и да научам што повеќе од ова искуство.
12. Кои се вашите пораки до помладите?
– Бидејќи и самиот сум дел од младата генерација, би им порачал да бидат упорни, вредни и чесни и да не се обесхрабруваат кога нешто нема да успее од првиот обид. Има една мисла на која често се навраќам: „Успехот е движење од неуспех до неуспех без губење на ентузијазмот.“