
Украинците соборија 21 руска ракета
Украина синоќа беше цел на 41 руски проектил, од кои 21 беа соборени, изјави денеска врховниот командант на украинските вооружени сили Валериј Залужњи.
Според него, руската армија користела ракети С-300, С-400, КХ-101, КХ555, КХ-55, КХ-22, КХ-59 и Искандер во нападите врз украинскиот главен град Киев и Харков на исток. .
Тој рече дека противвоздушната одбрана соборила вкупно 21 проектил и увери дека „не сите ја погодиле целта“.
Во силен руски ракетен напад синоќа, кога мета беа Киев и Харков, загинаа најмалку шест лица, десетици беа ранети, а станбени згради беа оштетени, јавува агенцијата АП.
Регионалниот гувернер на Харков, Олег Синегубов, изјави дека 42 лица се ранети, а најмалку четворица се убиени во главниот град на регионот, кој се наоѓа на границата со Русија.
Градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, изјави дека е уништен дел од повеќекатната станбена зграда и дека непознат број луѓе се заробени во урнатините.
Во Павлоград, во централниот регион на Днепропетровск, едно лице загина, а едно е рането, изјави регионалниот лидер Сергиј Лисак.
Најмалку едно лице загина во Киев, изјави шефот на градската администрација Роман Попко.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека 18 лица се ранети, меѓу кои и едно 13-годишно момче, а дека станбените згради се оштетени во најмалку четири населби.
Украинската армија и руската армија не ги пријавуваат своите воени загуби, било да се тоа војници, опрема или инфраструктура.
