
Украина и САД потпишаа два важни договори: Клучна одредба за воена помош
Министерството за финансии на САД објави дека САД и Украина потпишаа договор за формирање инвестициски фонд за реконструкција по неколку недели тешки преговори.
„Како признание за значајната финансиска и материјална поддршка што народот на Соединетите Американски Држави ѝ ја обезбеди на Украина за време на руската инвазија, ова економско партнерство ги зближува нашите две земји да соработуваат и да инвестираат заедно за да се осигура дека нашите ресурси, таленти и способности можат да го забрзаат економското закрепнување на Украина“, се вели во соопштението, без да се дадат детали за содржината на договорот.
„Ал Џезира Балканс“ објави дека САД и Украина потпишаа два договора во среда – за формирање инвестициски фонд за реконструкција и договор за пристап до украинските природни ресурси.
Договорот за пристап до украинските природни ресурси ќе им обезбеди на САД преференцијален пристап до нови инвестициски проекти за развој на украинските природни ресурси, вклучувајќи алуминиум, графит, нафта и природен гас.
Украина соопшти дека обезбедила клучни интереси по долги преговори, вклучително и целосен суверенитет над сопствените ретки метали, кои се клучни за новите технологии и во голема мера се неискористени.
Трамп првично побара права врз минералното богатство на Украина како компензација за милијарди долари американско оружје испратено од поранешниот претседател Џо Бајден по руската инвазија пред нешто повеќе од три години.
По почетното двоумење, Украина го прифати договорот за минерали како начин за обезбедување долгорочни американски инвестиции, додека Трамп се обидува драстично да ги намали безбедносните обврски на САД низ целиот свет.
Најавувајќи го потпишувањето на договорот во Вашингтон, американскиот секретар за финансии Скот Бесант рече дека тоа ја покажува „посветеноста на двете страни кон траен мир и просперитет во Украина“.
„Овој договор јасно ѝ покажува на Русија дека администрацијата на Трамп е посветена на мировен процес фокусиран на слободна, суверена и просперитетна Украина на долг рок“, рече Бесант.
Украинската министерка за економија Јулија Свириденко вчера пристигна во Вашингтон по очигледниот пробив во преговорите за потпишување на договор со американскиот секретар за финансии Скот Бесант. Откако учествуваше на церемонијата на потпишување со Бесент, Свириденко ги објави главните одредби од договорот на социјалните медиуми.