
Учениците небезбедни, родителите исплашени: Автобуси без кочници ги возат од и до училиште
Свеста на дел од превозниците ширум Македонија не се зголеми ниту по зголемените сообраќајни контроли на МВР и тие се уште превезуваат ученици со неисправни возила.
Сообраќајната полиција на терен постојано затекнува возачи на комбиња, минибуси и автобуси кои возат ученици од и до училиште, а притоа немаат сообраќајни дозволи, дел од нив поседуваат фалсификувани документи и регистарски ознаки, а дел од нив возат со неисправни сопирачки.
„Во текот на 2022 година санкционирани се вкупно 2259 возила поради техничка неисправност и истите возила се исклучени од сообраќај (во оваа бројка се прикажани сите видови на возила, вклучувајќи ги и возилата со кои се врши јавен превоз на патници и ученици)“, одговорија од МВР.
Во 2022 година биле санкционирани седум технички неисправни возила повеќе во однос на 2021 година.
Поради неисправните сопирачки, сообраќајната полиција постојано испраќа автобуси или комбиња на вонреден технички преглед, а тоа ги исплаши учениците и нивните родители затоа што се повеќе во сообраќајот има возила со неисправни кочници, односно без кочници.
Полицијата присуствува на вонредните технички прегледи, но не и на редовниот преглед кога се регистрира автобусот или патничкото комби, посебно во станици за технички преглед кои се во сопственост на компанијата која врши превоз на патници и на ученици.
Санкционирањето на технички неисправните возила е предвидено во Законот за возила во член 42 кој вели дека возилото во сообраќајот на патиштата треба да биде технички исправно,што значи дека треба да има исправни пропишани системи, составни делови, самостојни технички единици и опрема и да ги исполнува пропишаните барања во поглед на заштита на животната средина.

„Според член 42 од Законот за возила доколку се утврди техничка неисправност на возилото, возачот добива казна од 400 евра затоа што вози возило без исправни сопирачки, без неисправен систем за управување, без уред за поврзување на влечното или приклучното возило или вози со лоши пневматици. Правното лице сопственик на неисправното возило ќе добие глоба од износ од 2.000 евра, а одговорното лице во компанијата ќе плати 500 евра“, стои во Законот за возила.
Ако при контрола на автобусот се утврди дека е регистриран како технички исправен, а притоа системот за сопирање покажал дека е неисправен, ќе и се одзеде Решението за работа на фирмата за вршење на технички преглед и правното лице ќе треба да плати казна од 5.000 евра.
