
ЉУБОМОРА И НАСИЛСТВО ВО СКОПЈЕ: Ја претепал поранешната партнерка и ја исфрлил од автомобил на бетон – случаен минувач повикал полиција
Напад од љубомора заврши со болничко лекување за една скопјанка и кривична постапка за нејзиниот поранешен партнер. Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе постапка против насилникот поради сторено кривично дело „телесна повреда“.
Инцидентот се случил на 4 јануари. Според информациите од Обвинителството, осомничениот, воден од љубомора, најпрво започнал вербално да ја навредува својата поранешна партнерка, за потоа ситуацијата да ескалира во физичко насилство.
Драмата се одвивала во неговиот автомобил. Тој ѝ нанел повеќе удари со тупаници по главата и телото. Насилството кулминирало кога тој насилно ја исфрлил оштетената од автомобилот, при што таа паднала на бетонот помеѓу заштитните столпчиња на коловозот.
Сведок на непријатната сцена бил случаен минувач кој веднаш го пријавил настанот во полиција. Повредената жена била пренесена во болница каде ѝ била укажана лекарска помош.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост. За насилникот е побарана забрана за приближување и остварување каков било контакт со жртвата додека трае кривичната постапка.
