
Уапсен 18-годишник со потекло од Македонија, планирал терористички напад во Австрија!
Во австрискиот град Леобен, во регионот Штаерска, бил уапсен 18-годишен со потекло од Македонија под сомнение дека планирал терористички напад. Како што објавија австриските медиуми, тинејџерот пребарувал на интернет упатства за изработка на експлозивни направи и развивал планови за напад врз институции.
Австриската полиција соопшти дека уапсениот е симпатизер на терористичката организација Исламска држава (ИД) и дека неговите активности се сметаат за сериозна закана. По добивање на оперативни информации, јавниот обвинител издал наредба за итно апсење, а младиот осомничен бил приведен во неделата, во близина на неговиот дом, веднаш по враќањето од патување во Македонија со семејството.
Иако негирал дека имал намера да изврши напад, австриските власти посочуваат дека тој веќе бил познат на безбедносните служби.
Овој случај потсетува на инцидентот од минатата година, кога 19-годишен Австриец, исто така со македонско потекло, беше уапсен под сомнение дека планирал терористички напад за време на концертот на Тејлор Свифт.