
УЈП тврди: МојДДВ не е исплатен поради тоа што некои корисници промениле банка!
Управата за јавни приходи уверува дека средствата од „Мој ДДВ“ ќе бидат исплатени и дека повратот не е прекинат или откажан.
„Средствата кои им следуваат ќе бидат исплатени. Повратот на парите од ‘Мој ДДВ’ ниту е прекинат ниту откажан“, стои во соопштението на УЈП, пишува Телма.
Од институцијата објаснуваат дека технички проблем во дел од спецификациите барал целосна преработка. Доколку во еден налог има корисник кој променил банка или трансакциска сметка, системот автоматски ја враќал целата пратка и средствата не се исплаќале ниту за него ниту за останатите во истиот налог.
Иако од УЈП велат дека проблемот е лоциран и дека службите работат на негово надминување, не прецизираат за колку корисници станува збор. Дел од граѓаните кои ги контактираше Телма тврдат дека немаат извршено промени на банкарските податоци, а средствата од скенираните сметки сè уште не им се исплатени.
Од институцијата додаваат дека исплатата за корисниците со валидни податоци е во тек, а за останатите ќе следува по завршувањето на техничката преработка. УЈП апелира граѓаните кои менуваат банка или трансакциска сметка навреме да ги ажурираат податоците, за да се избегнат вакви застои.

