
Тројца загинати, двајца тешко повредени во несреќата на експресниот пат Штип-Радовиш
Тројца работници го загубија животот, а двајца се тешко повредени во тешка сообраќајна несреќа што утринава се случи на експресниот пат Штип–Радовиш. Комбе кое превезувало работници излетало од мостот на Балталиска Река, во близина на селото Лакавица.
Директорот на ЈЗУ Здравствен дом „Панче Караѓозов“, Горан Андонов, изјави дека екипата на Итната медицинска помош на самото место констатирала смрт кај двајца работници, додека третото лице било реанимирано, но подоцна подлегнало на повредите.
Според првичните информации, станува збор за работници од Бангладеш, ангажирани преку струмичка фирма. Повредени се уште еден работник и возачот на комбето.
Директорот на Клиничка болница–Штип, Владко Захариев, потврди дека едно лице е примено во болницата и во моментов му се вршат детални лекарски прегледи.
