ТРГОВЦИ ВНИМАВАЈТЕ КАКВИ ПАКЕТЧИЊА ПРОДАВАТЕ – Агенцијата за храна врши контроли, бара и граѓаните да пријават недоследности
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и
ветеринарство спроведуваат засилени контроли кај операторите со храна пред
претстојните новогодишни и божиќни празници, соопштија од оваа државна институција.
„Се проверува дали и колку се исполнети општите и посебните услови за
безбедност на храната, означувањето и заштитата на потрошувачите од измама. Во
овој период, акцент со контролите ставен е на новогодишните пакетчиња за деца
при што се контролира рокот на употреба на производите кои ги содржат, како и
означувањето.
Со досега спроведените контроли не се утврдени недоследности од
аспект на безбедноста кај оваа категорија производи. Кај некои оператори
исклучок е означувањето на задолжителните информации, каде недостасуваат
декларации на македонски јазик“, се вели во соопштението од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Оттаму апелираат до граѓаните да бидат одговорни купувачи и храна да купуваат од
регистрирани/одобрени објекти кои се под контрола на инспекциските служби на
Агенцијата за храна и ветеринарство.
„Секоја недоследност во поглед на
безбедноста на храната, граѓаните можат да ја пријават во Агенцијата, лично,
телефонски на бесплатниот телефонски број 0800 3
22 22, или електронски на info@fva.gov.mk“, порачуваат од Агенцијата.

