
Трет топлотен бран летово, според најавите од УХМР и последен
Го поминуваме најтоплиот ден од третиот топлотен бран ова лето, кој според најавите на УХМР ќе биде и последниот. Под врелото сонце граѓаните се движат бавно и со напор, но обврските не можат да се одложат, па градските чешми стануваат неопходни мали оази за разладување.
Овој топлотен бран е за неколку степени поблаг од јулскиот, кога температурите достигнаа и до 43°C.
Како последица од жештините, се бележи зголемен број на колапси, топлотни удари и сончаници низ целата земја. Лекарите предупредуваат дека високите температури негативно влијаат и врз психичкото здравје, а граѓаните сè почесто се жалат на панични напади.
„Колапс претставува краткотрајно губење на свеста,“ објаснува Каревска Пиловска. Таа нагласува дека, доколку некој се најде во ваква состојба, неопходно е веднаш да се смести во ладна просторија, да легне и да се постави на страна. Најизложени на ризик се пекарите и работниците кои работат во затворени кабини.
