
Трендафилов за 4TV: Македонските работници се меѓу најпродуктивните во светот, но истовремено се и меѓу најслабо платените
Македонските работници се меѓу најпродуктивните во светот, но истовремено се и меѓу најслабо платените, откри претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, повикувајќи се на најновото истражување на Меѓународната организација на трудот. Во гостувањето на „Ноќно студио“ на 4TV.mk, тој изнесе фрапантни податоци според кои еден работник во Македонија му создава на работодавачот вредност од 37 до 38 долари по работен час.
„Газдите досега ги криеја овие податоци, мислејќи дека јавноста нема да дознае колку профитираат врз грбот на работникот. Реалноста е дека оние работодавачи кои добро ги плаќаат своите вработени имаат далеку поголема добивка. На оние пак, кои тврдат дека не можат да исплатат ниту минимална плата, им порачуваме: слободно затворете ги фирмите и одете работете кај соседот за минималец, па видете како се преживува“, дециден е Трендафилов.
Тој директно ја обвини државата дека свесно ја подгрева сивата економија и му помага на бизнисот на штета на работниците. Според пресметките на ССМ, државниот буџет губи дури 250 милиони евра годишно поради неплатени придонеси.
„Државата се прави слепа пред појавата на исплата на плата во плико. Многу сектори, како фризерските салони или златарите, пријавуваат минималец само за да избегнат придонеси, а остатокот го даваат во кеш. Со ова работниците губат двојно – ем не им се плаќа минат труд, прекувремена работа и празници врз целата сума, ем во иднина ќе бидат соочени со најниски пензии“, алармира првиот човек на ССМ.
Трендафилов заклучи дека изговорите оти 600 евра минимална плата ќе ги уништат малите претпријатија се неосновани, бидејќи парите за достоинствени плати постојат, но завршуваат во профити кои не се оданочуваат правилно.
