Тошковски за ТВ Алсат: Ќе сториме се што може да одговориме на потребите на граѓаните
Вчера министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на ТВ Алсат зборуваше за состојбата во која го затекна министерството особено во делот на издавањето на лични документи и ги презентираше дел од мерките кои се преземаат со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните.
„Пунктот Пролет го враќаме суштински во системот, но не како што беше со четворица фотографи, а поставени 10 базни станици за фотографирање на луѓето. Го враќаме овој пункт со 14 фотографи, вработени полициски службеници коишто ќе го спроведат процесот на 14 базни станици. Од понеделник најавувам и дека ќе се работи во две смени на пунктот Пролет, но само со телефонски закажувања. Она што претходно го правеле четворица во рамки пунктот Пролет, полициска станица Кисела Вода сега ќе биде зголемено и ќе имаме 28 коишто ќе го спроведат истиот процес за еден ден. Ако претходно се фотографирале отприлика 300 луѓе, ние треба да дојдеме до бројка од околу 1800 луѓе кои ќе бидат фотографирани, но во рамки на системот“, најави техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Со цел олеснување на процесот на вадење нови патни исправи за граѓаните на Македонија, и создавање на функционален систем, Тошковски најавуви отворање и на уште еден пункт, како и зголемување на човечките капацитетите и воведување на втора смена во еден од активните пунктови каде ќе се создадат услови за ова, а со цел да се зголеми бројот нови патни исправи кои што ќе се издадат во иднина.
„Чувството на секој еден граѓанин којшто нема пасош со новото име и нема да може да обезбеди пасош до 12 февруари и да може да патува во одредена земја, сигурен сум дека ќе е како да е притворен само не во затвор туку во рамки на оваа територија од 26.000 километри квадратни. Правиме се што можеме да направиме за максимално да го забрзаме процесот. Имало лошо планирање на набавките и особено лошо менаџирање на процесот на испорака, за да денеска нема доволен број обрасци. Ќе сториме се што можеме да максимално одговориме на потребите на граѓаните. Ќе го видат ефектот за многу кратко време. Од следна недела базните станици ќе функционираат со максимален капацитет и граѓаните ќе бидат уверени дека правиме нешто во нивен интерес“, истакна министерот Тошковски.