
Тошковски: За навремено плаќање на прекршокот ќе има половина казна и пократка забрана за возење!
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека целта на проектот „Safe City“ не е казнување, туку спасување човечки животи и зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Во гостување за телевизија Сител, Тошковски нагласи дека системот е насочен кон градење повисока сообраќајна култура и намалување на бројот на сообраќајни прекршоци, повредени лица и човечки жртви. Според него, за да се постигне тоа, потребен е кредибилен и правно издржан систем кој ќе обезбеди јасни и недвосмислени докази за секој констатиран прекршок.
Министерот посочи дека бројот на сообраќајни прекршоци регистрирани преку системот драстично се намалил, од првични над 100 илјади дневно, до неколку илјади, а во последно време и значително помалку. Клучно, како што рече, е граѓаните да добиваат јасни докази – фотографии и записи – со што ќе се поттикне побрзо признавање и плаќање на казните.
Тошковски објасни дека новото законско решение предвидува можност за плаќање половина од износот на казната доколку тоа се направи во рок од осум дена од приемот на известувањето. Дополнително, кај прекршоците за кои е предвидена забрана за управување моторно возило, со навремено плаќање, забраната ќе се изрекува во траење од половина од законскиот минимум, што досега не беше можно.
Во рамки на проектот „Safe City“, како што нагласи министерот, ќе се санкционираат исклучиво четири прекршоци: пречекорување на дозволената брзина, поминување на црвено светло, погрешно паркирање и управување нерегистрирано возило. Други прекршоци нема да бидат предмет на автоматско санкционирање.
Тој додаде дека системот се фокусира на утврдување на идентитетот на возачот, а не на совозачите, и дека постои јасна процедура за случаи кога сопственикот на возилото не бил лицето што управувало. Во такви ситуации, граѓаните ќе можат со заверена изјава да достават податоци за вистинскиот возач.
„Паметните камери не се новина – МВР ги користи повеќе од 15 години во борбата против криминалот. Сега тие ќе бидат ставени и во функција на поголема безбедност во сообраќајот“, истакна Тошковски.
