
Тошковски vs Салиу: Вербален конфликт на прес конференција за тоа што точно се случувало при приведувањето на новинарот
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и новинарот Фуркан Салиу денеска преку вербален конфликт се пресметаа на прес конференција за тоа што точно се случувало при вчерашното апсење на новинарот.
Тошковски вели дека Салиу присуствувал на натпревар кој бил од висок ризик и според она што можел да го види од снимките оценил дека во најмала рака имало спречување на службено лице во вршење на должност.
„Според службените белешки двете службени лица велат дека има физички напад, а од снимките кои јас ги видов во најмала мера има спречување на службено лице во вршење на службена должност“, рече Тошковски.
Потоа и директно го праша новинарот Салиу дали имал физички контакт со полицијата пред да го приведат, по што му посочи „без да лаже“.
Салиу истакна дека во ниту еден момент немало такво нешто, по што министерот му рече „лажете господине Фуркан“.
Салиу пак го праша Тошковски како е извршен претресот во автомобилот, без негово присуство по што министерот кусо одговори дека е извршен преглед.
Тој најави и дека внатрешната контрола ќе го испитува и постапувањето на полицијата и дека целиот настан е снимен.
