
Тошковски: МВР бележи резултати во борбата против корупцијата, но има уште работа
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, оцени дека големиот број инфлагрантни коруптивни случаи откриени од МВР во изминатата година покажува дека министерството има поинаков и суштински пристап во борбата против корупцијата.
„Сметам дека сме на прав пат, но нè чека уште многу работа за да се постигне значително намалување на корупцијата во Македонија“, рече Тошковски.
Тој појасни дека Одделот за внатрешна контрола презел голем број случаи и процесни дејствија, кои довеле до соодветно санкционирање на оние што се однесувале непрофесионално и коруптивно.
„Покажуваме дека имаме јасна визија: местото на професионалците и чесните е во рамки на МВР, а останатите не треба да се дел од безбедносните структури“, додаде министерот.
На прашање за фемицидот во Велес и дали се врши контрола на постапувањето на полицијата, Тошковски рече дека внатрешната контрола постапува и дека јавноста ќе биде информирана штом заврши проверката.
Во однос на реакциите на ДУИ за полициските униформи на македонски јазик и прашањето за двојазични униформи, министерот појасни дека законот е донесен во 2018 година и дека постапките се во согласност со важечките законски правилници.
„Повторно ќе кажам дека правилникот е донесен во времето кога власт во Македонија беа ДУИ и СДСМ“, нагласи Тошковски.

