
Тошковски: Македонија не заслужува да биде држава ако нема правда за Кочани!
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, упати остра порака по трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“. Тој вели Македонија не заслужува да биде држава ако на крајот немаме правда за Кочани.
Во гостување на подкастот „ВМРО-ДПМНЕ флет“, Тошковски потенцираше дека тековната истрага е темелна и неселективна и дека ги опфаќа сите надлежни – поранешни и сегашни градоначалници, министри, инспектори, началници и полициски службеници.
„Жалам што има политички мршојадци кои прават сериозна манипулација со фактичката состојба. Како се обидуваат да ја искриват вистината и да манипулираат со јавното мислење – нека им служи на чест,“ изјави Тошковски.
Тој додаде дека по затворањето на истрагите и поднесувањето на обвиненијата, јавноста ќе добие целосна слика за тоа што и зошто се случило. Според министерот, Јавното обвинителство досега добро ја води истрагата, и изрази надеж дека граѓаните, особено семејствата на жртвите, ќе добијат заслужена правда.