
„Тикток анестезиологот“ двапати бил одбиен за нострификација на специјализација од Косово во 2014 година
Петочлена комисија од еминентни професори од Катедрата на анестезија на Медицинскиот факултет на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во 2014 година двапати се повлекла и одбила да му ја нострифицира специјализацијата од Косово на „ТикТок анестезиологот“ д-р Ваљтон Дервиши, осмничен за несовесно работење во службата и неовластено снимање. Откако не добила документи, комисијата не донела одлука за нострификација, по што се повлекла, меѓу другото и поради политички притисоци од партиски моќници.
Специјализацијата, според извори на САКАМДАКАЖАМ.МК во Министерството за здравство, му е потпишана во 2015 од тогашниот министер Никола Тодоров.
Дервиши ги снимаше жените кои беспомошно лежеа на медицинска интервенција во тетовска гинекологија и ги објави на социјалната мрежа ТикТок.
Анестезиологот е во притвор и се соочува со можност Лекарската комора да му ја одземе лиценцата за работа на најдолго седум години, но претходно му е дадена еднонеделна можност да се брани од обвинението.