
„ТИЕ СЕ ДЕНЕШНИТЕ МАЛИ ИСУСИ“ Папата Франциско во Божиќната порака зборуваше за децата кои умираат во војни
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, денеска во својата божиќна порака рече дека децата кои умираат во војни, вклучително и во Газа, се „денешните мали Исуси“ и дека ужасно многу невини цивили се убиени во израелските напади.
Во своето божиќно обраќање „Urbi et Orbi“ (до градот и светот), папата Франциско, исто така, го опиша нападот врз Израел на 7 октомври како грозоморен и повторно апелираше за ослободување на околу 100 заложници кои се уште се наоѓаат во Појасот Газа, пренесе Ројтерс.
Говорејќи од централниот балкон на базиликата Свети Петар пред илјадниците луѓе на плоштадот, тој рече дека воената индустрија на крајот ги контролира „марионетите жици на војната“.
Папата Франциско (87) повика на прекин на конфликтот, политички, социјален или воен, во местата што ги вклучуваат Украина, Сирија, Јемен, Либан, Ерменија и Азербејџан и ги бранеше правата на мигрантите ширум светот.
– Колку невини се убиени во нашиот свет! Во утробите на нивните мајки, во одисеи преземени во очај и во потрага по надеж, во животите на сите оние малечки чие детство било уништено со војна. Тие се денешниот мал Исус – рече Папата.
Тој посвети особено внимание на Светата земја, вклучително и Газа, каде во последниот израелски воздушен напад загинаа најмалку 78 луѓе во една од најсмртоносните ноќи во енклавата за време на 11-неделниот конфликт на Израел со Хамас, според палестинските здравствени власти.
– Нека (мир) дојде во Израел и Палестина, каде војната ги уништува животите на тие народи. Ги прифаќам сите нив, особено христијанските заедници во Газа и целата Света земја – рече Франциско.
Говорејќи од балконот, тој рече дека неговото „срце е со жртвите од грозоморниот напад на 7 октомври“ и повторно повика на ослободување на заложниците.
Папата истакна дека се залага за крај на воените операции во кои загинаа ужасно многу цивили и повика на решение на очајната хуманитарна ситуација за да може да се достави хуманитарна помош.
Папата Франциско повика на „упорен дијалог меѓу страните, кој би бил поддржан со силна политичка волја и поддршка од меѓународната заедница“.
