
„ТИЕ НЕ МОЖАТ БЕЗ ТЕЛЕФОНИ ВО ЗАТВОР, А ЈАС ШТО ДА ПРАВАМ БЕЗ ДЕТЕ?“ – Револт на родителите на паузата
Додека судијката даде пауза по потресното сведочење на мајката Марија Петрушева, емоциите во делот за јавноста не стивнаа. Револтиран родител, кој го загубил своето единствено дете во трагедијата, гласно го изрази својот гнев пред новинарите, директно алудирајќи на скандалот со пронајдените телефони кај обвинетиот и сопственик на дискотеката Деко.
„Државата не направи ништо за нас, само ни ги уби децата. Тие (обвинетите) не можат без телефони, им наоѓаат мобилни во затвор, а јас што да правам? Едно дете имав, сега и тоа го немам,“ низ солзи коментираше родителот.
Тој беше видно вознемирен и од односот на системот кон жртвите, споменувајќи дека им било нудено обесштетување кое го доживуваат како навреда. „Ни велеа да кажеме цена за нашите деца? Нека дојде некој и нека ми го врати детето, а јас ќе му ги дадам сите пари кои не ми ги дадоа.“
Родителот упати критика и за однесувањето на обвинетите во судницата: „Сите се смеат и нив им е убаво, а јас што да кажам?“
