
Тежок инцидент во Синѓелиќ: Претепан голманот на Пчиња на третолигашкиот дуел
На натпревар од Третата фудбалска лига меѓу екипите на Фортуна и Пчиња, кој се одигра изминатиот викенд во Синѓелиќ, се случи тежок инцидент што заврши со физички напади и прекин на мечот.
Натпреварот бил прекинат во 75. минута, при резултат 1-1, откако играчите на Пчиња одбиле да продолжат со игра по бруталниот напад врз нивниот голман, кој останал без свест и бил итно пренесен во Клиничкиот центар во Куманово.
Според информациите објавени од ФК Пчиња, првично дошло до физички напад врз гостинската публика, составена од родители и роднини на фудбалерите на Пчиња. Потоа ситуацијата излегла целосно од контрола кога навивачи на Фортуна ја пробиле заштитната ограда и влегле на теренот. Во хаосот што настанал, играч од клупата за резерви на Фортуна физички го нападнал голманот на Пчиња, Никола Стојановски, кој паднал во несвест, а додека лежел на терен, бил дополнително нападнат од неколку домашни фудбалери.
По инцидентот, гостинската екипа под полициска придружба го напуштила теренот. Голманот Стојановски бил пренесен во болница, каде му е укажана лекарска помош.
Тренерот на Пчиња, Часлав Вукановски, по натпреварот изјави дека целиот меч бил одигран под силен притисок и тензии.
„Нашата екипа поведе рано, потоа Фортуна израмни и на полувремето беше 1-1. Сè беше во ред до моментот кога навивачите на Фортуна ја нападнаа нашата публика – роднини и пријатели на играчите. Подоцна, кога ситуацијата се смири, играта продолжи, но еден од играчите на Фортуна од клупата го нападна нашиот голман, кој остана без свест. Додека лежеше на земја, неколку фудбалери го удираа. Во такви услови немаше можност натпреварот да продолжи,“ изјави Вукановски, додавајќи дека целиот инцидент е снимен и ќе биде доставен до Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Тој изрази надеж дека ФФМ ќе изрече најстроги санкции за инволвираните фудбалери и клубот Фортуна, нагласувајќи дека ваквото насилство претставува срам и закана за безбедноста на спортските натпревари.
