
Тепачка со фатален исход во Психијатриската болница во Бардовци
Едно лице почина по физичка пресметка што ноќеска се случила во Психијатриската болница во Бардовци. Министерството за внатрешни работи информира дека станува збор за судир помеѓу две осудени лица сместени во судскиот оддел на установата.
Според официјалните информации, инцидентот се случил околу 00:50 часот на 5 август 2025 година, кога дошло до тепачка меѓу Д.С. (35) од Неготино и И.Т. (62) од село Љубанци, скопско. За време на пресметката, Д.С. го удрил И.Т. со стаклено шише, по што вториот паднал во бесознание.
И.Т. бил итно пренесен во Ургентниот центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“, но подоцна, околу 02:20 часот, лекарите констатирале смрт.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција, а Д.С. е задржан во просторијата каде што се случил инцидентот.
Според МВР, Д.С. издржува казна затвор за убиство, додека И.Т. бил осуден за семејно насилство. Случајот е под целосна истрага, а по негово документирање ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.