
Тажна вест: Почина продуцентот Панче Мижимаков
Почина македонскиот продуцент Панче (Панта) Мижимаков (1946-2025), соопшти денеска Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ).
-Изразуваме длабоко жалење по повод смртта на нашиот драг и почитуван колега, истакнатиот македонски продуцент Панче (Панта) Мижимаков. Во својата обемна професионална биографија вбројува големи успеси на македонската кинематографија, се наведува во соопштението од ДФРМ.
Панче Мижимаков студирал на Академијата за театар, филм, радио и ТВ во Белград и се истакнува како важен дел од македонската и југословенската филмска сцена. Работел на бројни копродукции и странски продукции, кои се реализирале во Македонија и Југославија. Во „Вардар филм“, една од најпознатите филмски компании, Мижимаков соработувал на голем број играни, документарни и кратки филмови.
Од 1991 година, бил еден од основачите и директор на приватната продукциска куќа „Пегаз“, со која има реализирано неколку значајни филмски проекти. Мижимаков бил продуцент и менаџер на продукција за филмовите: „Среќна Нова“, „Преку Езерото“, „Џипси Меџик“, „Миротворец“, „Татко (Колнати сме Ирина)“, „Најдолгиот пат“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“, „Тајната книга“ и многу други значајни филмски остварувања.
Во една од своите последни изјави, Панче Мижимаков ја сподели својата љубов кон филмот, велејќи:
„Филмот ни даде повеќе нам, отколку ние нему. Ни даде сѐ. Работејќи и патувајќи низ светот, запознавме луѓе за кои не сме можеле ни да замислиме. Кога би бирал пак во животот, пак би работел во филмот.“
Неговото влијание врз македонската кинематографија и посветеноста на филмската индустрија ќе останат запишани како наследство што ќе трае долго време.