
Таткото на Коста Кецмановиќ доби 30 дена притвор
30 дневен притвор доби Владимир, таткото на Коста Кечмановиќ кој уби осум ученици во училиште и чувар.
Вишиот суд во Белград му одреди 30-дневен притвор, соопшти судот. Како што јави дописникот на МИА од Белград, притворот му е одреден поради „постоење на посебни околности кои укажуваат дека може за краток временски период да го повтори кривичното дело, како и поради тоа што за кривичното дело што му се става на товар е предвидена казна затвор над десет години, а начинот на извршување и тежината на последиците од кривичното дело доведоа до вознемиреност на јавноста која може да го загрози непреченото и правично водење на кривичната постапка“.
Тој на сослушувањето кажал дека не е виновен.
Таткото е сослушан поради сомнение за сторено кривично дело „тешки дела против општата безбедност“. Се сомнева дека во претходниот период Владимир Кецмановиќ го обучувал својот 13-годишен син да ракува со огнено оружје и муниција така што го однел на стрелиште да вежба гаѓање цели со огнено оружје и покрај тоа што момчето има само 13 години. Постои сомнеж дека таткото постапил спротивно на одредбите од Законот за оружје и муниција и спротивно на Правилникот за просторно-технички услови за безбедно чување на оружјето и муницијата бидејќи не обезбедил услови за безбедно сместување и чување на оружје и муниција за да не можат да дојдат во сопственост на неовластени лица, односно да не ја одвоил посебно во заклучен сеф кој не може лесно да се отвори.
