
Сведоштво на Дмитро Олијник во 4TV.mk: Од бомбардирањата во Днепар до безбедноста во Скопје
Дмитро Олијник, млад Украинец кој пред четири години бил средношколец со соништа за иднината, во гостувањето на 4TV.mk ја сподели својата потресна приказна за бегството од војната. Од мирниот живот во гимназијата во родниот град Днепар, тој се соочил со реалноста на бомбардирањата и тешката одлука да го напушти својот дом засекогаш.
Патот кон слободата преку три држави
Одлуката за заминување паднала по само еден месец од почетокот на инвазијата, кога станало јасно дека ситуацијата е премногу опасна. Дмитро ја избрал Македонија како своја дестинација бидејќи неговата сестра веќе 11 години живеела во Скопје. Сепак, патот до безбедноста бил долг и неизвесен.
„Патувањето траеше околу шест до седум дена. Тргнав од мојот роден град Днипро до пограничниот дел кај Черновци. Оттаму, со камиони кои доставуваа хуманитарна помош, патував низ Романија и Бугарија, сè додека не стигнав во Скопје. Со себе го земате само најнеопходното и тргнувате за да избегате од бомбардирањата“, се потсетува Дмитро.
Разделени семејства и секојдневна грижа
Иако Дмитро успеал да најде прибежиште, голем дел од неговото семејство останал во Украина. Неговиот татко, на 58-годишна возраст, не смее да ја напушти државата, додека неговите баби и дедовци се премногу стари за да го издржат мачното патување и остануваат врзани за својот дом во Днипро.
„Пред војната сè беше прекрасно. Имавме пријатели, излегувавме, имавме планови. За жал, се случи тоа што се случи. Сега постојано сме во контакт со моите во Украина, тие се во централниот дел на земјата кој сè уште е под постојан притисок“, раскажува тој.
Денес, по четири години од почетокот на конфликтот, Дмитро е безбеден во Македонија, но неговата приказна останува сведоштво за илјадниците млади животи кои беа насилно прекинати и пренасочени од воениот виор.
Целата емисија во продолжение:
