
Сведок: Девојчиња пискаа и молеа преку решетки, ги прскав со вода за полесно да дишат, син ми викаше „Тато, спаси ги!“
Со потресно и емотивно сведочење на Дејан Николов, сопственик на соседниот автолимарски сервис, денеска продолжи судењето за страотниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Пред судот и расплаканите родители, сведокот ги опиша пеколните моменти од кобната ноќ на 16 март, кога згаснаа 63 млади животи.
Николов, кој е првиот сведок по воведните зборови на одбраната, детално го опиша објектот кој со години работел во несоодветни услови. Според неговите зборови, прозорците кои се гледале однадвор биле заѕидани или затворени со изолација одвнатре, со што просторот станал вистинска стапица.
Сведокот раскажа како случајно се нашол пред дискотеката со своите пријатели и син му само неколку минути пред да избие хаосот. Кога избил пожарот и се појавил црниот чад, тој веднаш го вклучил цревото од својот сервис со голем притисок.
„Слушнав гласови и тропање од женскиот тоалет. Прозорецот беше со решетки. Ги скршивме стаклата, а девојчињата се држеа за решетките и молеа за помош. Светеа со телефоните и пискаа. Ги прскав со вода за да можат полесно да дишат. Син ми зад мене викаше: ‘Тато, те молам спаси ги!’“, сведочеше Николов додека целата судска сала беше во солзи.
Николов опиша како со помош на својот син и неговите другари, користејќи професионални маски и гази, се обидувале да им помогнат на настраданите додека кровот на објектот почнал да пука и да паѓа. Тој го опиша и моментот кога му пришол син на локалните лекари со тешки изгореници, барајќи помош.
„Дојде 5 часот наутро, а мене ми беше вечност. Верував дека има само повредени. Кога се свртев, видов три тела до мене. Беше страшно… тела имаше насекаде“, низ треперење додаде тој.
И покрај страотните сведоштва за пренатрупаноста на клубот, нелегалното користење пиротехника и децениското работење без минимално-технички услови, сите 35 обвинети на почетокот на судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни. Иако некои изразија сочувство, тие остануваат на ставот дека не сториле „тешки дела против општата сигурност“.
Судењето во судницата во Идризово продолжува со вкрстено испрашување на сведокот од страна на одбраната.
