
Студентите реагираат: МОН и УЈП да разликуваат „приход“ од „прилив“ за студентскиот оброк
Националното студентско тело (НСТ) соопшти дека денеска официјално доставило барање до Министерството за образование и наука (МОН) и Управата за јавни приходи (УЈП) за јасно разграничување на поимите „приход“ и „прилив“ при спроведувањето на мерката за субвенциониран студентски оброк.
Во соопштението се наведува дека целта на барањето е институциите да направат разлика меѓу реален приход и прилив на средства на студентските сметки, со што ќе се спречи неправедното одбивање на студенти од користење на оваа мерка.
Според Законот за субвенциониран студентски оброк, корисници можат да бидат редовни студенти на прв, втор или интегрирани студии на државните и приватните универзитети, државјани на Република Северна Македонија, кои немаат месечен приход повисок од минималната нето-плата за тековната година.
НСТ укажува дека во пракса постои проблем во толкувањето на поимот „приход“, бидејќи институциите често ги земаат предвид вкупните приливи на сметките на студентите, без разлика на нивното потекло. Поради тоа, дел од студентите се одбивани од користење на оваа мерка, иако приливите на нивните сметки потекнувале од нефискални извори – како што се семејни парични трансфери, уплати за кирија или студентски надоместоци, кои не претставуваат реален приход од работа или деловна активност.
Во доставеното барање, НСТ бара од УЈП при доставувањето на податоци до МОН да направи јасна разлика меѓу приход и прилив, односно да ги испраќа само податоците што се однесуваат на вистински остварен приход – плата, хонорар, самостојна дејност и слични категории, а не и на нефискални парични трансакции меѓу физички лица.
Исто така, се апелира до Министерството за образование и наука при обработка на пријавите за субвенциониран студентски оброк да ја земе предвид оваа разлика и да ја усогласи методологијата за проверка на примањата со законската дефиниција на поимот „приход“.
„Целта на ова барање е да се обезбеди правична примена на Законот и да се спречи дискриминација на студенти кои не остваруваат реален приход, туку добиваат семејна или нефискална финансиска поддршка,“ стои во соопштението од Националното студентско тело.
