
СТУДЕНА ИЛИ БЛАГА ЗИМА: Српски метеоролог забележува тренд кој не е толку добар
Српскиот метеоролог Иван Ристиќ за НИН изјави дека кон крајот на следната недела може да се очекува студено време кое може да влијае на температурите во зимскиот период.
Но, додава дека дури во октомври ќе може попрецизно да каже каква зима се очекува.
„Постојат истражувања на кои работи научникот Александар Баљаревиќ, кој е географ и според неговиот модел, се очекува да биде постудена, со снежни врнежи. Но, тоа ќе го знаеме дури во октомври“, вели Ристиќ.
Глобалното затоплување доведе до фактот дека, од година во година, летата стануваат подолги и пожешки. Ова се однесува и за Балканот. Ристиќ објасни дека може да се забележи тренд кој, „не е толку добар“ и дека во последните 14 до 15 месеци бележиме рекордно високи температури на целиот Балкан.
„Доколку продолжи овој тренд на вакви топли месеци, кој трае последните 15 месеци, може да се очекува дека и оваа зима ќе биде рекордно топла. Меѓутоа, сега со ова заладување во септември не е невозможно сепак да има некои промени во циркулацијата на планетата Земја и оваа зима да биде малку постудена“, вели метеорологот.
Најтоплото лето во историјата е зад нас според податоците на Европската служба за климатски промени Коперник.
foto freepik.com/farzabd