
Столтенберг: Корупцијата е крајно опасна, исклучително важна е борбата против неа на сите нивоа
Корупцијата е крајно опасна, ги поткопува демократските институции, ја подрива довербата во државата, а го отежнува и водењето бизнис. Затоа е исклучително важно да се бориме против корупцијата на сите нивоа, во секое време, вели генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенбер во видео-интервју за МИА.
-Корупцијата е болест, корупцијата е крајно опасна, корупцијата ги поткопува демократските институции, корупцијата ја поткопува довербата во државата, а исто така го отежнува бизнисот. Значи, исклучително е важно да се бориме против корупцијата на сите нивоа, во секое време, и ја поздравувам посветеноста на премиерот. Имавме средба и тој ја повтори својата силна посветеност за борба против корупцијата, ова е исклучително важно. Секоја земја која страда од корупција тоа ја прави посиромашна, поранлива, затоа што сте ги ослабнале државните институции, па затоа е исклучително важна борбата против корупцијата, вели Столтенберг прашан за комнетар за ситуацијата со корупцијата во земјава и во регионот дали може да се каже дека таа придонесува за дестабилизација.
За тоа дали неговото обраќање во Собранието беше обид и да ги поттикне пратениците да ги усвојат уставните амандмани како услов за продолжување на патот на земјата кон ЕУ, Столтенберг се оградува од директен коментар, но порачува дека би било добро за целиот регион и за Северна Македонија да напредуваат на патот кон членство во ЕУ.
-Не е мое да навлегувам во тие конкретни прашања, бидејќи тие се поврзани и со вашиот процес кон членство во ЕУ, но мојата порака е дека членството во НАТО многу често го отвора патот за членство во ЕУ и тоа би било добро за целиот регион и за Северна Македонија да напредува на патот кон членство во ЕУ. Секако, за тоа ќе бидат потребни одредени одлуки од Северна Македонија, но не е на мене да навлегувам во конкретните предлози на хартијата, посочува Столтенберг.
Следува целосното интервју за МИА на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг со видео материјал, во кое тој зборува и за безбедносните предизвици во регионот, за ситуацијата во Украина и поддршката на Алијансата, но и за тестот пред кој е исправената најголемата воено-политичка организација, која следната година ќе одбележи 75 години од своето основање.
Г-не Столтенберг, каков е вашиот впечаток за земјата по пристапувањето во Алијансата?
-Северна Македонија е високо ценет НАТО сојузник. Северна Македонија придонесува за нашата заедничка безбедност и членството во НАТО е добро за Северна Македонија и добро е и за НАТО. Импресиониран сум од напредокот што го видов, видов и дека членството во НАТО овозможи повеќе инвестиции, повеќе странски инвестиции и повеќе работни места и повеќе раст. Затоа што кога имате безбедност загарантирана од НАТО, тогаш, се разбира, на приватните инвеститори им е полесно да инвестираат и да помогнат во промовирањето на економскиот раст во вашата земја. Mило ми е што гледам многу посветен НАТО сојузник во Северна Македонија.
Дали вашето вчерашно обраќање во Собранието беше обид да ги поттикнете пратениците да ги усвојат уставните амандмани?
-Не е мое да навлегувам во тие конкретни прашања, бидејќи тие се поврзани и со вашиот процес кон членство во ЕУ, но мојата порака е дека членството во НАТО многу често го отвора патот за членство во ЕУ и тоа би било добро за целиот регион и за Северна Македонија да напредува на патот кон членство во ЕУ. Секако, за тоа ќе бидат потребни одредени одлуки од Северна Македонија, но не е на мене да навлегувам во конкретните предлози на хартијата.
Можете ли да ја коментирате состојбата со корупцијата во земјата и во регионот, може ли да се каже дека корупцијата придонесува за дестабилизација на регионот?
-Корупцијата е болест, корупцијата е крајно опасна, корупцијата ги поткопува демократските институции, корупцијата ја поткопува довербата во државата, а исто така го отежнува бизнисот. Значи, исклучително е важно да се бориме против корупцијата на сите нивоа, во секое време, и ја поздравувам посветеноста на премиерот, имавме средба и тој ја повтори својата силна посветеност за борба против корупцијата, ова е исклучително важно. Секоја земја која страда од корупција тоа ја прави посиромашна, поранлива, затоа што сте ги ослабнале државните институции, па затоа е исклучително важна борбата против корупцијата.
Изјавивте дека не треба да стравуваме од воена закана од Русија против кој било сојузник на НАТО од регионот, истовремено додавајќи дека Москва ќе биде внимателно следена. Можеме ли да очекуваме дополнително засилување на присуството на НАТО во регионот и дали постои ризик од нови тензии во Косово?
-Мојата порака е дека не гледаме никаква непосредна воена закана против кој било сојузник на НАТО во овој регион или кој било друг сојузник на НАТО. Но, она што го гледаме е нестабилност во овој регион, особено зголемено насилство или сериозни насилни инциденти во Косово. Нестабилноста е зголемена и во Босна и Херцеговина, а дијалогот меѓу Белград и Приштина ризикува тотален застој. Затоа, треба да се фокусираме на тоа како можеме да помогнеме да се стабилизира нашето соседство. Затоа што, кога соседите на НАТО се постабилни, ние како НАТО сојузници, Северна Македонија и остатокот од Алијансата сме побезбедни. Ние веќе го зголемивме нашето присуство во Косово, со илјада војници. Се разбира, ние секогаш ќе проценуваме што е неопходно, но нашата цел е се разбира да не останеме со војници во Косово засекогаш, нашата цел е да помогнеме да се олесни, да се поддржи нормализацијата што ќе овозможи да се намали нашето присуство. Но, очигледно сега таму всушност има помала стабилност, или нестабилност, и затоа го зголемивме нашето присуство. Кога станува збор за заштита на сојузниците на НАТО, во повеќето сојузници на НАТО нема голем број распоредени војници на НАТО, но НАТО има способност брзо да зајакне, да распореди трупи и сили доколку е потребно и се разбира, ако видиме каква било директна закана против земјата-сојузник во НАТО, ние сме подготвени да распоредиме сили, но не гледаме таква закана против Северна Македонија или кој било друг сојузник на НАТО.
Изгледа дека војната меѓу Израел и Хамас го оттргна вниманието на светската јавност од војната во Украина. Дали постои закана од замор меѓу членките на НАТО во врска со поддршката на Киев или можно нарушување на единството на Алијансата околу ова прашање?
-Она што го видовте неодамна е дека сојузниците продолжуваат да обезбедуваат значителна воена поддршка за Украина. Изминатите неколку дена САД најавија нива голема дополнителна поддршка, повеќе муниција, повеќе системи за оружје. Германија пред само неколку дена имаше најава за голема помош, а најавија и други сојузници. Мислам дека постапките зборуваат погласно од зборовите, а постапките на сојузниците во НАТО, всушност продолжувањето да даваат конкретна воена поддршка за Украина е најдобрата порака до претседателот Путин дека нема да победи на бојното поле. Тој мора да прифати дека Украина ќе победи како суверена, независна нација и ако сака да преговара за мирно решавање на овој конфликт, на војната против Украина, најдобриот начин да се постигне тоа е да се убеди претседателот Путин дека нема да победи на бојното поле, бидејќи тогаш тој мора да седне и да се согласи на договор кој гарантира дека Украина ќе опстои како суверена, независна нација во Европа.
