
Средношколец тврди дека партијата на Вучиќ им дава по 40 до 60 евра за да обезбедат гласачи
Средношколец од Нови Сад вели дека партијата на претседателот Александар Вучиќ нуди пари за да обезбедат гласачи.
Тој во изјава за Н1 Србија тврди дека Српската напредна партија (СНС), на чие чело е Вучиќ, на учениците им дава од 40 до 60 евра доколку обезбедат гласови. Тинејџерот објаснил како функционира тоа и рекол дека веќе еден месец во џеб му стојат три ливчиња со по 20 гласа.
„Ми ветија 40 евра по глас затоа што листот го добив од пријател, а него му ветиле 60 евра. Не сакав да собирам гласови… Немам време и не сакам да се занимавам со такви работи. Иако парите се добри, мислам дека не е во ред. Ова не е ништо ново и се случуваше и претходните години. За жал, се повторува“, изјавил средношколецот М.Д. за Н1.
Од партијата ги советувале прво да одат кај постарите затоа што„тие секако гласаат за СНС“.
„Еден од моите пријатели доби 20 листа, тоа го прави веќе втора година. Лани доби пари, но некој не добива. Ако се согласиме на тоа, наша обврска е да ги однесеме овие луѓе со автомобил до гласачкото место, да чекаме да гласаат и да се увериме дека сигурно гласале. На крајот од гласањето да ги добиеме парите, но еве… Некој лани не ги доби парите“, вели М.Д.
Момчето рекло дека иако ќе биде полнолетно, на идните избори воопшто нема да гласа.

