
„СПАСУВАЛ ТУЃИ ЖИВОТИ, А СЕГА СЕ ОБВИНУВА ДЕКА ГИ ИЗГУБИЛ ТИЕ 10 МИНУТИ ЗА БРАТ МУ“: Траумата на преживеаниот Кристијан
„Кристијан денес има кошмари и вели: ’Тие 10 минути додека спасував други животи, можеби беа клучни за брат ми‘. Најтешка е тежината што ја чувствува за загубата.“
Марија Петрушева пред судот откри дека нејзиниот помал син Кристијан (20), кој исто така бил во „Пулс“ (излегол на цигара пред пожарот), се бори со силно чувство на вина. Таа раскажа дека тој кобната ноќ повеќепати влегувал во огнот и чадот, извлекувајќи непознати луѓе додека го барал својот брат.
Мајката објасни зошто одбиле Кристијан да биде пренесен со амбулантно возило во Скопје на токсикологија. „Таа вечер, кога го нашле брат му, го качиле во амбулантна кола заедно со едно мртво дете и едно тешко повредено. Тие трауми што ги доживеа во тоа возило беа преголеми. Не сакавме повторно да ги преживува истите моменти,“ рече таа. На Кристијан му биле пронајдени траги од јаглерод моноксид, а од стресот и чадот му се активирале полипи на носот, поради што морал итно да биде опериран во мај.
Во болницата во Кочани, соочен со смртта на брат му, Кристијан бил полн со бес. „Беше лут, изреволтиран, со раката мавна по стаклото во собата и го скрши. Не го испуштав од поглед, не знаев што може да си направи,“ сведочеше мајката.
Петрушева го заврши своето потресно сведочење со директна порака до обвинетите (алудирајќи на сопственикот или функционерите):
„Животот ми е поделен на пред и по 16-ти март. Агонијата е се поголема. И сега, во овој момент, можам да кажам дека му завидувам на една личност која е најодговорна за смртта на моето дете – бидејќи неговиот син е до него, а моето дете не напушти.“
