
Спасеновски: Светот влегува во ера на „природна состојба“ каде посилниот го наметнува својата волја
Универзитетскиот професор Александар Спасеновски, во анализа за 4TV.mk по повод четиригодишнината од војната во Украина, посочува дека меѓународниот поредок се наоѓа пред тектонски промени. Според него, актуелната американска администрација направи значајно поместување во долгорочните приоритети на надворешната политика, манифестирајќи критичен однос кон европските сојузници кој влече корени уште од првиот мандат на претседателот Трамп.
Барањето на САД за поголем придонес на Европа во колективната безбедност, вклучително и издвојување на 4% од домашниот производ за одбрана, претставува обид за репреговарање на старите аранжмани воспоставени по Втората светска војна. Иако овие политики предизвикуваат реакции кај старата европска дипломатија, Спасеновски смета дека децениските сојузи нема да бидат доведени во прашање, туку само видоизменети во насока на споделување на одговорноста.
Професорот алармира дека позициите на меѓународното право се сè послаби во новиот светски поредок. Тој оценува дека наместо правилата на Обединетите нации, на сцената стапува ера на природна состојба во која помоќниот ја наметнува својата волја врз послабите држави.
Случајот со Украина, според Спасеновски, е најбрутален пример за флагрантно кршење на нормите кои требаше да го заштитат суверенитетот и територијалниот интегритет. Релативизирањето на границите и принудувањето суверена држава насилно да отстапи територија е во спротивност со поредокот изграден по 1945 година за да се спречат големи светски конфликти. Иако овој поредок почна да се нарушува уште во 1990-тите, со руската агресија тој е целосно погазен.
И покрај девалвирањето на одредени меѓународни принципи, Спасеновски забележува дека драстичните промени водат и кон неочекувани геополитички одговори. Прашањата за членство на Украина, Молдавија и Грузија во Европската Унија, кои до пред неколку години изгледаа нереално, денес се дел од сериозни дискусии во Брисел.
Македонија и државите од Западен Балкан, како мали актери во овие тектонски поместувања, се должни внимателно да ги следат сигналите од големите стратешки партнери. Професорот заклучува дека патот на Украина и регионот кон Унијата веројатно ќе биде дел од поширок мировен план за редефинирање на односите меѓу суперсилите. За малите држави како Македонија, единствена константа останува доследното залагање за почитување на меѓународните правила во рамките на сојузите во кои членуваат.
Целата емисија во продолжение:
