
ЈСП со потсетување до студентите: Заверка на бесплатните билети за 2026 е во тек
Студентите што користат бесплатен јавен превоз со годишниот билет на ЈСП Скопје треба навреме да ја продолжат оваа услуга за 2026 година. Од претпријатието апелираат дека заверката на билетите е задолжителна и веќе е во тек.
Од ЈСП информираат дека до 20 јануари 2026 година ќе има разбирање и отстапки за казнени санкции за студентите кои сè уште не ги завериле билетите. Постапката започна на 25 декември 2025 година, а се врши во центрите за персонализација на ЈСП, со лично присуство и потребна документација: потврда за редовен студент од акредитирана установа, оригинален индекс со впишан зимски семестар и лична карта на увид.
Од претпријатието додаваат дека студентите-бруцоши од учебната година 2025/2026 автоматски го користат билетот и во 2026 година.
Годишниот студентски билет за бесплатен превоз важи за сите градски и приградски линии, без ограничување во бројот на возења, но не важи за ноќниот превоз. Валиден документ за користење на оваа поволност е единствено „Скопска“ картичката со соодветниот билет, а не се прифаќаат индекс или потврди за редовен студент.
ЈСП Скопје исто така ги потсетува и корисниците од категоријата „над 62/64 години“ дека заверката на нивните билети за 2026 година треба да се изврши до 31 јануари 2026 година, со лично присуство и документ за идентификација. По овој рок, билетите ќе бидат автоматски блокирани, а без нивна претходна заверка, корисниците нема да можат да подигнат месечен пензионерски билет.
