
Собранието: Постапка за одземање имунитет на пратеникот од Левица може само по официјално барање од надлежен орган
Собранието на Македонија соопшти дека не може по сопствена иницијатива да поведе постапка за одземање на пратенички имунитет, реагирајќи на новинарските прашања поврзани со статусот на пратеникот Сашко Јанчев.
Од Собранието информираат дека, согласно Уставот и Деловникот, постапка за евентуално одземање на имунитет може да се иницира исклучиво врз основа на официјално барање од надлежен државен орган, и тоа во случаи кога се бара поведување кривична постапка, определување мерка притвор или извршување казна затвор.
Во соопштението се нагласува дека вакви постапки не можат да се покренат врз основа на барања од поединци, организации или медиуми, ниту пак Собранието има право самостојно да иницира ваква процедура.
Во таа насока, претседателот на Собранието Африм Гаши го проследил доставеното барање до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, како и до самиот пратеник Сашко Јанчев, со цел транспарентно информирање.
Од Кабинетот на претседателот на Собранието додаваат дека, доколку од надлежните институции биде доставено официјално барање, Собранието ќе постапи во согласност со уставните и деловничките надлежности.

