СОБРАНИЕТО ГО УСВОИ ВТОРИОТ РЕБЛАНС НА БУЏЕТОТ ЗА 2026 ГОДИНА Дополнителни 60 милиони евра за социјални трансфери
Со 67 гласови за, 15 против и ниту еден воздржан Собранието го усвои вториот ребаланс на буџетот за 2026 година.
За збор се јавија само двајца пратеници, Јованка Тренчевска од СДСМ, која го квалификува ребалансот како комплетен фискален пораз, како и Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ, кој ѝ реплицираше напоменувајќи дека Владата е одговорна и се грижи за стопанството и за стандардот на граѓаните.
– Носењето втор ребаланс во ноември, само 3 месеци по усвојувањето на јулскиот, укажува на итна потреба од прераспределување средства пред крајот на фискалната година. Ваквата брзина и паника во прекројувањето на државната каса најчесто се јавува кога политичките калкулации ќе ги надминат редовните економски планирања. Ова е чист фискален пораз на хартија – оцени Тренчевска.
Според Здравковски, ребалансот е развоен и одговорен.
– Владата е одговорна, се грижи секој сектор да биде во функција и сите да земаат плати и пензии – потенцира Здравковски.
Тој потсети на намалените акцизи и ДДВ за горивата, мерки, кои, нагласи, се преземени за да се заштити стандардот на граѓаните.
Со дополнетиот ребаланс на буџетот вкупните приходи се планирани на ниво од 374,2 милијарди денари или пониско за речиси 5,3 милијарди денари од проекциите за 2026 година. Истовремено е направена надолна корекција на расходната страна, односно вкупните расходи се планирани на ниво од 420,5 милијарди денари. При тоа дефицитот во буџетот останува на ниво од 46,3 милијарди денари.
Дополнетиот предлог-ребаланс пред пратениците го образложи министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, која истакна дека приоритет на Владата е да ја зачува економската стабилност и да одговори на предизвиците поради продолжените глобални геополитички случувања. Измените и дополнувањата на буџетот, рече, се во насока на обезбедување стабилност во буџетот до крајот на годината и сигурност за граѓаните и стопанството.
– Државната каса до крајот на годината е стабилна и е обезбедено финансирање на сите обврски – плати, пензии, исплата на социјални надоместоци, обврски кон стопанството, како и отплатата на долгови кои доспеваат. Тоа е суштината на одговорното управување со јавните финансии – да се реагира навреме кога околностите го бараат тоа, да се заштитат граѓаните и економијата и, пред сè, да се гарантира дека државата ги исполнува своите обврски – рече министерката.
На расходната страна надолната проекција се должи на намалување на расходите за стоки и услуги и субвенциите, а во насока на дисциплинирано трошење и обезбедување дополнителни средства за најранливите категории граѓани и за здравствени услуги.
Со ребалансот се обезбедени дополнителни 3,7 милијарди денари (60 милиони евра) за социјални трансфери, од кои 1,4 милијарда денари за социјални надоместоци и дополнителни 887 милиони денари за здравствена заштита. За Министерството за социјална политика, демографија и млади се обезбедуваат дополнителни 1,8 милијарда денари за ранливи категории, социјална помош, народни кујни и за социјални услуги. Исто така, дополнителни 600 милиони денари се за редовна и навремена исплата на породилните надоместоци.
Капиталните расходи се проектирни на 40,1 милијарди денари со кои се продолжува со вложувања во одбраната, патната и железничката инфраструктура, комуналната инфраструктура, животната средина, енергетската ефикасност, образованието, детската и социјалната заштита, земјоделството и во локалната инфраструктура. Продолжува и финансиската поддршка за општините и капиталните инфраструктурни проекти на локално ниво.
.
Извор: plusinfo.mk