ГО ФАТИЛЕ СО 3,23 ПРОМИЛИ, А ПО ДВА ДЕНА СО 3,50 ПРОМИЛИ Битолчанец доби 8 дена притвор по второто приведување
Двапати во рок од два дена полицијата го затекнала истиот 29-годишен битолчанец како управува автомобил под дејство на алкохол. И покрај тоа што на 7 ноември бил лишен од слобода откако му биле измерени 3,23 промили алкохол во крвта, два дена подоцна повторно седнал зад воланот, овојпат со уште повисоко ниво на алкохол – 3,50 промили.
Првиот случај се случил на 7 ноември, околу 21:30 часот, на паркингот кај спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола. Полициски службеници го сопреле „мерцедесот“ со битолски регистарски ознаки што го управувал Х.Ј. и утврдиле дека вози под дејство на алкохол. Алкотестот покажал 3,23 промили, по што бил лишен од слобода.
Но, на 9 ноември, во 2:41 часот, истиот возач повторно бил запрен од полицијата, овојпат на улицата Партизанска во Битола. Повторно управувал „мерцедес“ со битолски регистарски ознаки, а проверката покажала дека има 3,50 промили алкохол во крвта.
Од СВР Битола информираат дека станува збор за истото лице, кое во рок од два дена двапати било лишено од слобода поради возење под дејство на алкохол. На 29-годишникот му е одреден притвор во траење од осум дена.
.
Извор: plusinfo.mk