
Собранието ја констатираше оставката на Илире Даути
Денеска Собранието ја констатираше оставката на Илире Даути од функцијата претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, по изгласувањето на нејзината интерпелација минатиот петок.
Пред да ја образложи оставката, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ја напуштија собраниската сала.
Даути истакна дека оваа ситуација е „врв на срамот“ во Собранието и ја објасни својата одлука за оставка како протест против начинот на кој беше третирана. Таа подвлече дека, доколку земјата беше нормална, оваа седница не би се одржала и дека не би било потребно да зборува. Посочи дека не прифаќа услови кои се надвор од Деловникот и дека ќе продолжи да дејствува во интерес на демократијата и слободата.
Таа нагласи дека сите процедури за Законот за бранители биле спроведени согласно Деловникот и ги постави прашањата зошто пратениците од Левица не побарале да се стави точката на дневен ред.
Интерпелацијата беше поднесена од пратеничката група Левица, која тврди дека наводите во неа се основани. На седницата не присуствуваа пратениците од СДСМ.