
Со претставата „12“ вечерва се отвара фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп
Со претставата „12“, во режија на Синиша Евтимов на Македонскиот народен театар (МНТ), вечерва во 20 часот во Центарот за културата „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворено 59. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Официјалната фестивалска програма, под слоганот „Смеј се и осмели се!“ ќе почне од 6 и ќе трае до 16 јуни 2025 година.
Во претставата игра извонредната актерска екипа што ги освои домашниот и меѓународниот аудиториум: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви/Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.
Исто така, традиционално во рамките на фестивалот ќе се додели и наградата за животно дело на актерката Снежана Коневски-Руси, легендата на македонскиот театар, филм и култура, која повеќе од пет децении е дел од театарскиот филмски репертоар во земјава, а својата уметничка кариера ја помина токму во Македонскиот народен театар.
„Новото издание на фестивалот е подготвено, прецизно креирано со голема љубов и почит кон сите учесници и гости“, рече уметничката директорка Ана Стојаноска.
