
Снимателот Кристијан Љушев загинал на работа паѓајќи од петти кат во окно за лифт од зграда во изградба
Културната и медиумската сцена во Охрид се во неверување по трагичната вест за смртта на 28-годишниот снимател, фотограф и продуцент Кристијан Љушев. Тој го загуби животот вчера попладне при несреќен пад од петти кат во окно на лифт во зграда која е во фаза на изградба.
Несреќата во СВР Охрид била пријавена на 12 јануари 2026 година, околу 15:00 часот. Љушев паднал додека извршувал работни задачи, по што со возило на Итната медицинска помош веднаш бил пренесен во Специјалната болница „Св. Еразмо“. И покрај обидите за реанимација, лекарите подоцна констатирале смрт поради тешките телесни повреди. На местото на настанот увид извршиле јавен обвинител и екипи на СВР Охрид.
Кристијан Љушев беше основач и двигател на „Шпанец продукција“. Неговиот професионален пат беше исполнет со разновидни проекти – од комерцијални и музички спотови до документарни филмови и меѓународни соработки. Во текот на својата кариера соработуваше со голем број уметници и музичари, меѓу кои Александар Јосифоски, Мартин Милески, Влатко Броз и Марама.
Љушев ќе остане запаметен како автор со исклучителен визуелен сензибилитет, посебно посветен на документирање на традицијата и културата на Охридскиот регион. Неговиот креативен печат е видлив и во бројни проекти поврзани со Бигорскиот манастир.
Колегите и пријателите се простуваат од него преку социјалните мрежи, опишувајќи го како исклучителен професионалец и човек со голема визија. Погребот на Кристијан Љушев ќе се изврши утре на Градските гробишта во Охрид.
