
Случај „Онкологија 2“: Сведок потврди одземање ингеренции и финансиски хаос, крстосувањето на прашања одложено
Со исказ на раководителката на одделението за финансиско, сметководствено и шалтерско работење на Клиниката за онкологија, денеска во Основниот кривичен суд продолжи судењето за случајот „Онкологија 2“. На обвинителна клупа се наоѓаат поранешниот медицински директор Нино Васев и економскиот директор Нехад Нухи, обвинети за незаконски набавки на лекови, фиктивни тендери и присвојување терапија во периодот од 2018 до 2022 година.
Сведокот истакна дека до крајот на 2019 и почетокот на 2020 година била одговорна за финансиските извештаи, сметководствената координација и комуникацијата со Фондот за здравство и Министерството за здравство. По ковид-карантинот, како што рече, открила дека нејзините ингеренции биле префрлени на колешка без писмено решение.
„Бев целосно тргната од подготовката на налозите за плаќање“, посочи сведокот, додавајќи дека писмено се обратила, но без резултат. За односот со обвинетиот Васев наведе дека пред ковид-кризата соработката била коректна и дека Клиниката немала долгови, но дека потоа бил забележлив „поладен однос“ и избегнување на нејзиниот начин на контрола на трошоците.
Во исказот, таа потврди дека редовно доставувала финансиски извештаи, како и податоци за пациенти без осигурување или странски државјани. Посочи дека барала поголем буџет поради раст на бројот на пациенти, а намалени средства во Клиниката, но иницијативата не била прифатена.
Сведокот откри и дека Клиниката се соочила со тужби од економски оператори, меѓу кои и една за неплатени фактури со камати од околу еден милион евра, што довело до блокирање на двете сметки на установата.
Во текот на рочиштето, обвинителката Ана Гоговска Јакимовска најави дополнителни материјални докази испратени од сведокот, што предизвика приговор од адвокатот на Васев, Вељо Кадиев. Тој го оспори начинот на прибавување на доказите и побара записник. Судот оцени дека одбраната најпрво мора да ги добие документите за да поставува вкрстени прашања. Поради тоа, крстосувањето беше одложено за следното рочиште на 11 декември.
Според обвинението, Васев и Нухи со нелегални набавки и фиктивни тендери го оштетиле буџетот за речиси 36 милиони евра. Двајцата ја негираат вината и тврдат дека станува збор за политичка конструкција. Паралелно со „Онкологија 2“, во тек е и процесот „Онкологија 1“ за несовесно лекување пациенти.
