
Скоро 20.000 работници во државата не добиле плата за февруари и март
Скоро 20.000 работници од 12.000 фирми не добиле плата за февруари и март, соопштија денеска од Управата за јавни приходи (УЈП).
Станува збор за фирми од различни сектори.
„Во месец март регистрирани се 69.156 работодавачи со 555.161 вработени. Од нив 56.073 исплатиле плата, а 5.716 работодавачи за 11.612 вработени не испратиле плата за третиот месец од годинава. За февруари пак, има 5.136 работодавачи кои не им пуштиле плата на вработените“, изјави директорката Сања Лукаревска.
Од почетокот на годинава до денес се направени 1.522 контроли и кај 702 субјекти се евидентирани неправилности во однос на неиздавањето на фискални сметки и непоседување на фискален апарат. Контроли имало и кај 33 златари од Тетово, Гостивар, Кичево и Битола, а кај 18 од нив имало огромни разлики во непријавениот промет кои се движеле и до скоро 3 илјади евра.
На Пластичарската улица во Скопје од 30 контролирани фирми, 28 не издавале фискални сметки.

