
Скопскиот аеродром ќе биде регионален лидер во растот оваа зима
Аеродромот во Скопје, заедно со оној во Белград, ќе забележат најсилен раст во целиот регион на поранешна Југославија во текот на зимската сезона 2025/26, која започнува денеска. Според анализите, секој од овие два аеродрома ќе додаде повеќе од половина милион седишта во својата понуда.
Речиси сите аеродроми во регионот го зголемуваат својот капацитет споредено со лани, а зимската сезона ќе трае до 28 март.
Главниот двигател на експанзијата во Скопје е авиокомпанијата „Виз Ер“ (Wizz Air), која значително го зголемува своето присуство. Само оваа авиокомпанија ќе го зголеми капацитетот на скопскиот аеродром за импресивни 453.636 седишта.
За споредба, „Виз Ер“ ќе го зголеми капацитетот и во Белград за 315.817 седишта, што го прави клучниот фактор за растот и на двата најголеми пазари во регионот оваа зима.
