
Скопје втор во Европа по загаденост на воздухот
Скопје и утрово е меѓу најзагадените градови во светот, покажуваат податоците на швајцарската платформа IQAir. Околу 10 часот, македонскиот главен град се најде на 19. место на глобалната листа и на второ место во Европа според степенот на загадување на воздухот.
Индексот на квалитет на воздухот во Скопје изнесува 154, што го класифицира во категоријата „нездрав воздух“. Ваквите вредности претставуваат сериозен ризик по здравјето, особено за децата, повозрасните лица и лицата со хронични респираторни и срцеви заболувања.
Податоците од мерните станици укажуваат дека концентрацијата на ПМ2.5 честичките во Скопје е 12 пати над годишната референтна вредност утврдена од Светската здравствена организација. Станува збор за микрочестички кои лесно навлегуваат длабоко во белите дробови и можат да предизвикаат сериозни здравствени последици при подолга изложеност.
Иако Сараево утрово е на врвот на европската листа со исклучително високо загадување, состојбата во Скопје останува загрижувачка и уште еднаш ја потврдува долгогодишната изложеност на граѓаните на загаден воздух, особено во текот на зимските месеци. На светско ниво, најзагаден град е Лахоре во Пакистан, со индекс од 368.
