
Скопје добива нов начин на движење: Официјално промовиран системот за електрично споделување возила Avant2Go
Во рамки на заложбите за одржлив урбан транспорт и намалување на загадувањето, денеска во Скопје беше официјално промовиран новиот концепт за споделување возила – Car Sharing, со целосно електричниот систем Avant2Go.
Настанот го означија првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, кои пристигнаа пред платото на Владата со првото електрично возило од новата флота, симболично означувајќи го стартот на услугата.
Avant2Go Car-Sharing нуди еколошко, практично и достапно решение 24/7 преку мобилна апликација, овозможувајќи граѓаните да изнајмат електрично возило кога им е потребно, без трошоци за сопственост, гориво или одржување.
Настанот вклучуваше и демонстрација на функционирањето на апликацијата, презентација на возилата, како и можност за тестирање на електричните автомобили.
Со оваа иницијатива, Скопје добива современ начин на одржливо движење, кој има потенцијал да придонесе за значително намалување на емисиите на штетни гасови и да поттикне поеколошки начин на живот во урбаната средина.

