
„Скопјани по 18 часот ја полеваат улицата“ – нема вода во делови од главниот град
Во време кога делови од Скопје остануваат без вода или со намален притисок, сè почесто се гледаат граѓани кои во доцните попладневни часови полеваат улици, тротоари, бавчи и дворови – без оглед на апелите за рационална употреба.
ЈП „Водовод и канализација“ предупредува на енормна и неконтролирана дневна потрошувачка на вода, што сериозно го нарушува водоснабдителниот систем. Од таму велат дека на еден совесен граѓанин доаѓаат тројца кои ја трошат водата неодговорно, често за неприоритетни цели.
Од таму велат дека во секунда се трошат околу 4100 литри вода.
„Во Скопје е забележано нелогично однесување за главен град кој сака да биде цивилизирана метропола, каде што луѓето после 18 часот прскаат асфалт односно ја прскаат улицата и не можам да разберам зошто“, вели раководител од Водовод, Дејан Димовски за Сител телевизија.
Од друга страна пак, секојдневно се ловат и диви приклучоци, а последиците ги чувствуваат сите.
Водата во Скопје не е неограничен ресурс, и додека едни се мачат со суви чешми, други, како ништо да не се случува, си ја ладат калдрмата.
Засега од институцијата велат дека не се размислува за рестрикции.
