
Силјановска-Давкова: Очекувам 2026 година да биде насочена кон поконкурентна бизнис-клима
Живееме во време на глобални геополитички и економски предизвици. Периодот на закрепнување по ковид-пандемијата, инфлациските притисоци и енергетската криза остави длабоки траги врз економиите низ светот, а нивното влијание не заобиколи ниту нас. Како дел од регионалниот, европскиот и глобалниот пазар, македонското стопанство се соочува со овие турбуленции. Затоа, улогата на државата е клучна за создавање услови за брзо престројување, развој и системска поддршка на бизнисот.
„Искрено посакувам и очекувам 2026 година да биде насочена кон создавање поволна и поконкурентна бизнис-клима, што ќе резултира со стабилен економски раст и подобар стандард за граѓаните“, изјави претседателката Гордана Силјановска-Давкова пред врачувањето на признанието „Македонски квалитет“ за 2025 година, што го доделува Сојузот на стопански комори (ССК) под нејзино покровителство.
Силјановска-Давкова нагласи дека наградите не се случаен подарок, туку резултат на стратегиско размислување и системско вложување во креативен човечки капитал, како и во современи техники и технологии.
„Препознаваме, афирмираме и наградуваме вредности како стандард, квалитет, одговорност и посветеност. Наградите покажуваат дека успехот е резултат на визија, истрајност, знаење и храброст. Компаниите што ги наградуваме ги персонифицираат зрелоста и потенцијалот на македонското стопанство да креира одржливи модели на раст, да поттикнува иновации и да одржува стабилна и динамична бизнис-клима“, додаде таа.
Пред присутните се обрати и претседателот на ССК, Горан Ѓорѓиевски.
Признанија добија вкупно 11 компании, кои се истакнаа со посветеност кон квалитет и развој на македонското стопанство.
