
СИБИРСКИ СТУД: Минус 22 степени измерени во Сјеница
Сибирско утро имаше во Пештер во Србија. Таму има мразулци долги еден метар.
Студено утро осамна во Сјеница, која многумина веќе ја нарекуваат српски Сибир. Живата на термометарот во раните утрински часови покажа -22 степени, иако според локалните жители, субјективното чувство било дека е уште постудено, пишува Курир.рс.
„Ова не е ништо необично за Сјеница. Се облекуваме топло и се надеваме дека нашите автомобили ќе стартуваат. Иако, кога температурите се вака ниски, се трудиме што помалку да ги запалиме за да не се расипат“, раскажува за РИНА еден од мештаните.
Најстудено место на Пештер секако е селото Карајукич бунар. Во 2006 година во ова село се измерени рекордни -39,5.
И во делови од Црна Гора деновиве беа измерени -27.7 степени.