
„Си го оградил“ Езерото: Кривична за 73-годишен охриѓанец кој изградил камена ограда на државно земјиште
Секторот за внатрешни работи (СВР) Охрид поднесе кривична пријава против 73-годишен жител на градот, кој решил на своја рака да го прошири својот имот на сметка на јавното добро.
Против лицето А.Л. е покрената постапка поради сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“.
Изградил ѕид на парцела „Охридско Езеро“
Според полицискиот извештај, старецот извршил упад на земјиште кое е од јавен интерес.
Тој на катастарска парцела која официјално се води како „Охридско Езеро“ и е означена како земјиште за општа употреба, неовластено изградил камена ограда.
Со овој потег, тој практично заградил и припоил дел од државното крајбрежје кон својот приватен објект – индивидуална семејна куќа, третирајќи го јавниот простор како свој двор.

